Kнигата за деца „Чудесен дар во годишен календар“ на Ели Маказлиева беше промовирана денес во медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес. Пред публика промоцијата ја отвори Директорот на библиотеката Снежана Бошевска, додека модератор на настанот беше Стефанија Јакимовска.
На промоцијата беа присутни дечиња од Градинката „Димче Мирчев“ од Велес. Настанот беше интерактивен – малку се разговараше со дечињата, се читаше поезија и се зборуваше за тоа која е тајната со која писателот влегува во светот на децата.
„Кога пишувам книга за деца, првин јас создавам едно дело на кое му давам душа, во неа наоѓам утеха и одмор, релаксација, а потоа ја отворам вратата за децата. И децата тука го наоѓаат својот простор, своето место и ја развивам на тој начин фантазијата, имагинацијата кај децата преку игра, преку забава, со учење на нови зборови и поими“, истакна авторката Ели Маказлиева.
Промотор на книгата беше проф.д-р Кристина Николовска, која се осврна на содржината и структурата на книгата, циклусите кои се во неа.
„Чудесен дар во годишен календар“ е книга која ја доби наградата за Најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески“, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.