Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“, Велес, се одржа промоција на хаику стихозбирката „Мигум“ од Атанас Крлевски.
Атанас Крлевски е прв хаику поет во Велес, и е еден од малкумината во Македонија. Хаикуто е кратка јапонска поетска форма, поточно песна составена од три стиха со вкупно 17 слога. Ова е трета хаику стихозбирка за авторот.
„Крлевски е сестран творец кој многу умешно, метафорично, на моменти таинствено, некогаш отворено и објективно, неуморно го слика светот преку своите афоризми, хаику-стихови, уметнички фотографии, градејќи го својот уникатен стил на поглед во физичката и духовната реалност на светот во кој живееме, но и на светот во самите нас, истакна во својата рецензија Проф. д-р Елизабета Бандиловска.
„Оваа трета хаику поезија „Мигум“ ја пишував скоро една година. Морам да напоменам дека претходната беше за деца, а сега оваа е поезија за возрасни. Хаикуто на прв поглед изгледа тешко за разбирање, сложено, но тоа се всушност моменти во природата коишто ги опишуваш во три стиха со вкупно 17 слога. изјави авторот Атанас Крлевски.