Во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, беше промовирана книгата „Во светот на научната фантастика“ од Љубомир Михајловски. Ова е прво дело од областа на теоријата и историјата на научната фантастика.

Naucna fantastika 1

Настанот го отвори Директорката на библиотеката Снежана Бошевска, која говореше за значењето на фантазијата уште од рана возраст. Се заблагодари на роднокрајниот автор Љубомир Михајловски што долги години истражувал во оваа област и сето тоа го собрал во ова дело.

Промотор беше авторот Костов Миле кој што за книгата потенцираше дека содржи значајни податоци за истријата на научната фантастика во светот и во рамките на нашата држава. Смета дека оваа област е опширна и недоволно истражена. За авторот говореше со почит за сите свои достигнувања ,награди и признанија надвор од границите на Македонија. Со својот говор ги мотивираше присутните да фантазираат. Фантазијата ја има во секој од нас, ние сме самите креатори на она што го замислуваме и кон што се стремиме да го реализираме.

„Не можам да го искажам моето воодушевување од книгава, во која Љубомир прецизно, концизно, и на интересен начин ја презентирал научната фантастика како дел од животот. Дава преглед на историјатот, развојот и медиумите на изразување на ова творештво од најраниот период, па до денес, опфаќајќи го светското и македонското творештво“, рече промоторот на книгата Миле Костов.

Самиот автор истакна дека полето на научната фантастика треба повеќе да допре кај сите млади.Во книгата е детално обработена темата за фантастиката во сите области-музика, филм, литература,стрип…

„Научната фантастика не е бегство од реалноста. Напротив, мораме да ја согледаме реалноста онаква кава што е, без оглед на тоа колку е можеби непријатна, за да ја смениме. Научната фантастика ни дава насока кон она што треба да се стремиме, кон една идеална сцена, или не предупредува што да избегнуваме„, изјави авторот на книгата Љубомир Михајловски.

На промоцијата беа присутни и претставници од Центарот за млади – Велес, Стефани Стојчева, Сара Јавашева и Ангела Желкова кои што преку цртеж ја претставија својата фантазија за иднината. Се отвори еден мошне конструктивен дијалог помеѓу сите присутни на една несекојдневно но интересна тема-фантастиката.

Покрај тоа што ова дело е напишано на македонски јазик, авторот рече дека има голема заинтересираност книгата да биде отпечатена и на англиски јазик.