Solzite na sestra mi 1

Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, беше промовиран романот „Солзите на сестра ми“ од Лилјана Зашова. Промотор беше Нада Алексова која во своето излагање ја потенцираше важноста на темата која е секојдневна и реално присутна помеѓу сите нас. Една многу значајна социјална тема- посвојувањето на деца од Македонија во странство. Содржински опфаќа момент на посвојување на две близначки, но да дојде до тоа писателката прави паралела преку случувања во Македонија и во Франција преку три главни ликови, лекар од Скопје, француски брачен пар и семејството од едно село во Скопска Црна Гора, додаде Алексова.

Директорката на Библиотеката Снежана Бошевска посочи дека Лилјана Зашова е пример дека никогаш не е доцна да се почне со творење па дури и да се напише роман. На авторката и посака овој нејзин прв роман да не биде и последен.

Авторката кажа дека инспирација добила од вистински настан, и веќе размислува за продолжение на романот.Приказната ја имала слушнато пред 20 години но сега одлучила да ја напише и објави. Повеќе години собирала информации и работела на овој роман.

Господинот Благој Зашов, кој што е долгогодишен дипломат на Македонија, франкофон, преведувач од француски на македонски јазик, го збогати настанот со свое обраќање и донирање на свои книги за Француското катче на Библиотеката.

Промоцијата со музички точки ја збогатија учениците Ива Бабуновска и Јулијана Огњановска од музичкото училиште „Стефан Гајдов“. Водител на промоцијата беше Јасмина Ѓорѓиева,а делови од романот читаше Анастасија Ѓорѓиева.