Денес во Локалната библиотека „Гоце Делчев“, Велес беше промовирана стихозбирката „Патот до божјите очи“ на Оливера Станковска.
Promocija Olivera Stankovska 6
„Патот до божјите очи“ е сонетен венец, во кој се пее за опозициската релација помеѓу доброто и злото, љубовта и омразата, светлината и темнината, присуството и отсуството, која постепено преку процесот на осознавање и освестување на човечката душа преминува во единство на суштината.
 
Професорката Соња Карбева пред присутните го објаснуваше значењето на литературниот вид – сонетен венец.
 
 
Ова е трета книга на авторката Станковска. Досега таа ги има издадено стихозбирките „Разговор со животот” во 2013 и „Во разговор со животот“ во 2017 година. Нејзината поезија е преведена на српски, англиски и арапски јазик.
 
Промотор на книгата беше велешкиот афористичар Атанас Крлевски, кој во својот говор рече:
„Ако знаеме дека во светската литература има само неколку врвни поети кои напишале сонетен венец, како Прешерн, Петрарка, а истите до денес се ненадминати, тогаш сите вие треба да знаете колку е важно и вредно, исклучително вредно ова издание на опеани распаќа, крстосници и знаци на „Патот до божјите очи” на Станковска. Чест е да го промовирам ова дело кое се карактеризира со специфична стегната форма, со згрната рима и стихови од кои се огледа убавата мисла на трагањето по светлината на светот“.
 
Авторката, Оливера Станковска, рече дека венецот е сплетен со чиста емоција и восклици на душата која трагајќи низ животот се пронајде себеси.
 
Сонети интерпретираа Јана Пљокова, Изабела Жабева и Марија Манева, а настанот го збогати талентираниот Бубе Лазов со изведба на две музички точки.