Пред многубројните присутни беше промовирана најновата збирка со стихови исполнети со искрени чувства и голема љубов од нашата роднокрајна авторка Десанка Николова.
Промоцијата ја отвори Директорката Снежана Бошевска искажувајќи задоволство што полиците на Библиотеката ќе бидат побогати за уште едно значајно роднокрајно дело.
Емилија Златкова Анастасова од издавачката куќа „Збор“ се обрати со осврт кон творештвото на авторката.За содржината на поезијата говореше професорката Анита Станинова Мирчева а децата од МДПС„Премиера“ со убав перформанс го доловија вистинското значење на стиховите.Беа придружувани од професорот Илија Настовски со соодветна музичка позадина.
АНТИКВИТЕТИ – Десанка Николова
Прв пат без цел појдов во дуќан,
без писулче и список што ми треба да купам.
Меѓу рафтовите со поглед изгубен шарав,
не успеав да го најдам, баш тоа што го барам.
Можеби, во огласите во кои
старо се купува и ново се продава
ќе најдам – си реков,
никогаш не се знае – чуден е веков.
Па читав љубопитно:
некој соништата изгубени си ги бара,
некој спомените од љубовта стара,
некој болката сака во неповрат да ја прати,
некој времето сака назад да го врати,
некој сака во љубов да векува,
некој душа ранета да лекува,
некој надежта на продажба ја ставил,
некој без копнежи за копнеж се јавил.
Читам и почнува да ми станува мака
и во огласите нема тоа што сакам.
А јас ете не барам многу,
сакав само да купам ден без грижи,
сакав сите среќни да ги видам,
сакав насмеани сите да ми бидат,
сакав со отворени очи да ми сонуваат,
сакав во соништата да си веруваат,
сакав полетно и со надеж во денот да влегуваат,
сакав човек меѓу луѓето да видам
сакав и јас човек да бидам,
сакав звук што не се слуша
но најмногу од се, сакав да купам душа!
Тогаш една мудра старица ми рече:
не биди Диоген – остави го фенерот нека свети,
душа ќе најдеме во продавница за антиквитети!