Младиот роднокраен автор Ѓоре Ѓелев вчера во медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, во соработка со Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ ја промовираше својата прва збирка раскази „Човекот без сенка“.
Промоцијата беше проследена од многубројна публика, а промотор на книгата беше д-р Игор Радев.
„Што се однесува дораскажувачката географија на Ѓелев, чекорејки низ страниците на неговата книга, минуваме низ улиците понекогаш прошарани со дрвореди, половичната кафеана, каде ние се среќаваме со пријателите на една или две знаете што, книжарницата зад аголот, во која наслушнуваме како двајца ноншалантни купувачи разговараат токму за твојата книга, сме седнале и во автобус што јури по градските коловози, или, пак, само што не сме го паркирале автомобилот во една гаража, која „плаче“ за инвестиција…, рече промоторот д-р Игор Радев.
За Ѓоре Ѓелев ова е трета книга, откако претходно ги објави стихозбирките „Тежината на вториот чекор“ и „Лиричност од Шекспирова“. ,Авторот во својот говор им се заблагодари на сите кои досега го подржуваа, а најмногу на својата фамилија.
„Портретите на ликовите кои што се прикажани, сите тие си имаат своја длабочина, своја личност и фактички преку нив се искажува сложеноста на сите човечки искуства, притоа подобрувајќи ја врската на читателот што ја има со наративот. Во врска со секој расказ, заедно со договор со Ѓоре, бидејќи тој е многу креативен, користевме различни динамички поставки.Некаде имавме раздвижени градски улици, на некои од расказите имаме мирни пејсажи, сето тоа е во зависност од тоа каква драма треба да се развива позади таа приказна, изјави илистраторката Славица Купенкова.
Со своја музичка точка Мила Јорданов од Музичко Стефан Гајдов Велес ја збогати програмата. Извадоци од расказите читаа учениците Бојана Најдова, Марија Бошевска, Ана Бошкова и Ања Трајковска, со музичка подлога која ја изведоа Михаил Петковски и Кристина Станишева.