Вчера во Ликовниот салон во организација на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес беше промовирана хаику стихозбирката за деца „Смајли во снегот“ од нашиот сограѓанин Атанас Крлевски.
Настанот беше отворен со музичка точка во изведба на Јана Шеќерова под менторство на Јованче Банев од музичкото училиште „Стефан Гајдов“.
„Со оваа промоција го обележуваме и Денот на хаику 17 април. Овој пат Крлевски ни се претставува како хаику поет, како автор на еден не толку познат литературен вид. Но исто како и во афоризмите и со хаику поезијата со малку се кажува многу. “- посочи директорката на библиотеката „Гоце Делчев“ Снежана Бошевска.
Промоторот Лили Арсова даде осврт кон делото и укажа дека со ова дело Атанас ќе се памети како првиот автор од Македонија кој напишал хаику поезија за деца.
Авторот Крлевски им се заблагодари на учениците од ОСУ „Ацо Русковски“ од Берово под менторство на нивниот професор по ликовна уметност Слободан Пандов и на ученици од ООУ „Васил Главинов“ од Велес по менторство на професорката Снежана Стефановска, кои се автори на цртежите во книгата. Од ликовните творби беше направена изложба во Ликовниот салон во Велес.
Присутните беа запознаени со поимот хаику поезија и хаигата како стил на јапонско сликање во кое е содржана хаику песна. Песни од книгата читаа ученици од ООУ „Св.Кирил и Методиј“ Велес раководени од нивните наставнички по македонски јазик Стојне Тодоровска и Гордана Белчовска.