Во Локалната библиотека „ Гоце Делчев“ Велес, беше промовирана првата книга на роднокрајната авторка Ивана Милошевска. Ова дело ја опишува нејзината лична борба, поттикнувајќи надеж и сила кај сите кои се соочуваат со слични предизвици.
 
 
„Ова девојче не само што се бори за своето здравје, туку и ни покажува дека соништата можат да станат реалност. Нејзината книга е доказ дека секој од нас има сила да направи разлика, да создаде нешто вредно и да остави трага во светот, истакна директорката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, Снежана Бошевска.
 
 
„Авторката на оваа книга, и покрај сите предизвици со кои се соочува, успеала да создаде нешто прекрасно и значајно. Нејзината приказна е потсетник за сите нас дека без оглед на тешкотиите, секогаш постои надеж и можност за промена.
Нека оваа книга биде инспирација за сите нас да ги следиме нашите соништа, да не се откажуваме пред пречките и да веруваме во себе. Нека нејзината приказна не потсети дека животот е дар и дека секој момент е можност за нов почеток“, рече во својот говор Весна Атанасовска.
 
 
 
 
 
„Многу долги години поминав низ разни случки, низ многу убави случувања, кои ми дадоа инспирација како понатаму, јас кога би имала свој човек во мојот живот, како да се однесува, како да го сакам и како вистински да го ценам, бидејќи љубовта е нешто кое го даваме, за возврат не знаеме дали ќе го добиеме, а не го купуваме.
Втората половина од книгата, убиецот, мојот сопатник, онаа опака болест, леукемијата и ракот, ме натаре да бидам многу посилна од онашто сум мислела дека ќе бидам. Да говорам без влакна на јазикот, дали останатите луѓе би ме разбрале или не, дали би повредила некого со моите зборови, бидејќи вистината и само вистината успева денес да ја зголеми свеста кај луѓето“, рече авторката на книгата Ивана Милошевска.
 
 
Оваа промоција беше од хуманитарен карактер. Сите собрани средства од книгата ќе одат за лекување на Ивана во Турција.