Во празнична и предновогодишна атмосфера беше промовирана книгата „Новогодишна и божиќна магија“, создадена од ученици и возрасни, како резултат на заедничка творечка соработка и љубов кон пишаниот збор. Книгата е збогатена со поетски творби од децата, а дополнета и со песнички од возрасните автори.

Посебна симболика има фактот што оваа книга ќе добие „магични крилја“ и ќе отпатува авиoнски во Австралија, кај учениците и младите автори од Мелбурн, кои исто така учествуваа во нејзината подготовка и со нетрпение ја очекуваат.

За реализацијата на ова издание се погрижи Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“ – Велес, предводен од претседателката Лили Арсова, во соработка со Литературната асоцијација „Кочо Рацин“ од Мелбурн, на чело со Гордана Димовска.

Промотор на книгата беше м-р Ели Маказлиева, која се осврна на значењето на ваквите проекти што ги поврзуваат децата и културите, без разлика на географската оддалеченост.

Иницијатор на создавањето на книгата е писателката Соња Гаврилова, член на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, која ја потенцираше важноста од поттикнување на детското творештво и градење културни мостови меѓу младите од Македонија и дијаспората.

Поетската празнична атмосфера беше надополнета со музички настап на ученици од Музичкото училиште „Стефан Гајдов“, Петар Огњанов под менторство на проф.Илија Настовски и ученичката Мила Јорданов под менторство на проф.Филип Величковски.Водител на настанот беше Јасмина Ѓорѓиева.
