Промоција на збирка поезија за деца „Снежната убавица“ од авторката Лили Арсова, книга која ја носи магијата на зимата, детската радост и топлината на празниците. Промотор на книгата беше проф. д-р Елизабета Бандиловска, која истакна дека делото има „убав метафоричен наслов, посветен на зимата“, а песните се поврзани со децата, радоста и среќата за зимските празници. Во нив, како што нагласи, иако зимата најчесто асоцира на студ и снег, „се среќава нешто што нè топли, што ни носи радост, љубов и светлина“.
 
 
„Песните се наменети за децата, но можат да ги допрат и возрасните. Во нив превејува белината – симбол на чистота, убавина и невиност, какви што се децата“, рече Бандиловска.
 
 
 
Авторката Лили Арсова посочи дека тематски песните се посветени на зимата, зимските радости и празници, додавајќи дека во детската литература недостасувале вакви наменски песни за ова годишно време, поради што и се одлучила збирката да биде токму зимска.
 
 
 
„Снежната убавица“ е книга која ја слави зимата, но и топлината на детското срце. Песната ,,Светол ден божиќен” во изведба на младата талентирана Илина Цветковска ја разубави промоцијата. Водител на настанот беше Јасмина Ѓорѓиевска, а песни од книгата рецитираа Леа Ивановска и Александра Ставреска.