Интервју со роднокрајниот автор Ѓоре Ѓелев

Информатичар, поет, писател, танчер, уметник – кој е всушност Ѓоре Ѓелев?

  • Здраво на сите. Јас сум Ѓоре Ѓелев, роден во Велес. Детството и училишните денови ги поминав во родниот град. Најубавиот дел од животот. Моментално живеам и работам во Скопје. Најпрво да се заблагодарам на библиотеката, на вработените, на директорката Снежана Бошевска за укажаната чест. Во однос како би се опишал, како би кажал.. би рекол: во канцеларија сум програмер информатичар, ако ме видите со четка тогаш сум уметник, на танцова забава сум танчер, а кога сум полн со испирација, спомени, недоречености, тогаш сум поет, писател. По професија сум инженер по системски софтвер. Додека сум на работа се трудам да извшам мојата должност насовесно и најпродуктивно што може. Во слободното време кое ми преостанува, се трудам  да уживам во животот, да патувам, уживам во природата, во ритамот на музиката, во звуците, во боите.

Кажете ни кое е вашето прво дело и која година е издадено?

  • Моето прво книжевно дело е „Лиричност од Шекспирова“. Тоа е збирка од 43 песни пишувани во временски период од 2-3 години. Издадено е од „Македоника Литера“ во 2020 година. Стиховите се искрени, емоционални и во поголем дел од нив преобладува љубовно лирско исповеден тон.

„Лиричност од Шекспирова“ e наслов на вашето прво дело. Од каде идејата да се напише вакво дело и да зачекорите во поетските води?

  • Во врска со насловот, идејата дојде од името на улицата на која живеам „Шекспирова“. Уште кога го купив станов ми се допадна идејата дека имам дом на улица Шекспирова, која го добила името во чест на великанот на драмските текстови „Вилијам Шекспир“. Бидејки поголем дел од стоховите беа напишани во мојот дом во Скопје, идејата да се вклопи во насловот моето прво дело изгледаше многу следствено. Сакав да оставам нешто зад себе, луѓето да се сеќаваат на мене, моите пријатели. Како што вели Николо Макиавели на почетокот на неговото дело „Владетелот“, на самиот почеток во „Писмо до Лоренцо де Медичи“ вели:  „Така, на владетелите секогаш им се даваат коњи, оружје, златни брокати, накит и се што изгледа соодветно. Со желба да му донесам на Вашето Височество некаков знак за мојата лојалност, сфатив дека нема ништо поскапоцено или поважно за мене од моето знаење за големите луѓе и нивните дела, знаење стекнато со долгогодишно искуство во современите работи и постојано проучување на античката историја.“. Јас немам друго богаство оствен креативноста и искуството. Нешто благородно по кое ќе се сеќаваат на мене.

 

Какви мотиви има застапено во вашето второ дело „Тежината на вториот чекор“?

  • Самиот наслов „Тежината на вториот чекор“ има посебно значење и намерно е избрано, да ја истакне потребата за постојаност и продолжување на започнатото. Лао Це не учи дека „Секое патување започнува со еден чекор. Патот од 10 000 стапки започнува со еден чекор“. Но истотака како што е тешко да се започне нешто, битно е и да се остане на тоа и да се продолжува и одржува и покрај сите тешкотии и неодредености. Затоа е битно да се земе предвид тежината на втоиот чекор и секој следен по него. Во книгата песните се поделени во неколку тематски секции „Поглед од карпата на возот што заминува“, „Обрасната сегашност“, „Надеж“, „Љубовни копнежи“, „Движење“ „Тука сме, сега и овде“. Може да се каже дека тука се наѕираат мотивите, кои се љубовта, семејството, мудроста, патувањата, желбата за подобро

Kажете ни што повеќе сакате да пишувате проза или поезија?

  • И двата литературни видови ми се еднакво мили, но морам да признаам дека во одреден период сум посветен на само еден од нив. Кога пишувам раскази, не пишувам поезија и обратно.

Кажете накратко нешто за најновото ваше дело „Човекот без сенка“.

  • „Човекот без сенка“ е збирка од 18 кратки раскази. Името на книгата е земено од истоимениот расказ. Поговорот е на почитуваниот Игор Радев, а истотака содржани се 9 илустрации на расказите изработени од Славица Купенкова. Насловите се описни и одгатнуваат една особеност, доблест или мана на главниот лик. Освен расказот „Човекот кој го заборави името на својот пријател“ во нив скоро и да не спомнуваат имиња на главните ликови. Читателот има слобода да ги именува  како сака, ако препознае негово во нив. Расказите се пишувани за обични луѓе, опкружени со нашето урбано секојдневие.

Дали расказите се инспирирани од вистински случки?

  • Повеќето од нив, да. Има некои од нив што се изградени на целосно измислена приказна, односно случка, врз основа на одредена порака што сум сакам да ја пренесам на читателот. Во главно гледано, сите раскази имаат цел да пренесат нешто на читетелот. Негово е да ја најде таа порака. Се надевам дадов доволно слобода да го стори тоа, секако, ако самиот е подготвен на тоа. Животот ни нуди најдобри лекции, кои добро е да се забележат.

Има ли симболика во насловите на вашите дела?

  • Да, има многу симболика во насловите и делата. Тоа е едно од изразните средтва што често го користам. Истотака сакам да употребувам метафора и алегорија. Некогаш насловите се двосмислени за да ја натераат личноста што ќе застане спроти страниците да го открие вистиското значење, односно симболиката на насловот. Често тие асоцијации не се конвенцијални, литературно канонизирани симболи. На пример насловот на мојата збирка раскази „Човекот без сенка“ асоцира на истоименото дело на Џојс Керол Отс, но сепак симболиката е различна. Тоа сметам дека е добро затоа што прави читателите да не бидат секогаш сигурно што да учекуваат во творбата читајки го самиот наслов.

Дали вашите творби претрпуваат повеќе корекции пред да бидат објавени?

  • Да, посебно расказите. Сите дела се проверени повеќе пати од мене и од други мои пријатели автори, лектори. Многу од нив и доживеале структурни, семантички поправки. При тој процес сметам дека е најбитно да се задржи иницијалната естетика и внатрешниот шарм на делото.

Колку време ви е потребно да подготвите една збирка?

  • Има автори кои пишувањето им преставува секојдневна рутина, има и такви кои пишуваат само на прилив на инспирација. Јас би рекол пишувам кога ќе добијам испирација, кога ќе обезбедам слободно време. Тоа е спонтано. Неможам да земам некој временски просек колку би ми требало да завршам едно дело, туку тоа пред се зависи од периодот од мојот живот.

Што да очекуваме во иднина од Ѓоре Ѓелев?

  • Многу добри дела, многу лиричност, многу мисловни доживувања за читателите. Се надевам.