Во чест на Рацин, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес се одржа поетското читање „Мугри во срцето“, на кое свои стихови читаа домашни и странски поети, оддавајќи му почит на еден од најзначајните столбови на македонската книжевност. Во рамки на 62. Рацинови средби, се одржа и трибина на македонски јазик посветена на моќта на јазикот и делото на Коста Солев Рацин – човекот кој со зборот ги разбуди мугрите на македонската литература.

Истакнати имиња од научната и книжевната мисла, проф. д-р Кристина Николовска, проф. Елка Јачева Улчар, проф. д-р Симона Груевска Маџоска и проф. д-р Михајло Марковиќ – со своите излагања ни ја доловија вечната вредност на јазикот како наш духовен и културен темел.

Трибината ја водеше Менче Андреева , директор на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик. Пред присутните имавме чест да се обрати и проф.д-р Намита Субиото од Словенија, добитник на Почесното Рациново признание за 2025г.

Под мотото „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“, трибината беше дел од одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години од прогласувањето на македонскиот стандарден јазик.