Одбележани 84 години од смртта на поетот и револуционер Коле Неделковски. Беше положено свежо цвеќе пред неговите спомен бисти во училиштето во село Војница и во средното училиште „Коле Неделковски“ во Велес.
 
 
Во неговото родно село Војница традиционално беше доделена и наградата за животно дело „Коле Неделковски“ на Марина Стојанова во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“-Велес. Во чест на Неделковски беа прочитани и стихови инспирани од неговата поезија. Присутните ја посетија и музејската спомен соба на Неделковски.
 
 
Коле Неделковски, истакнат македонски поет и револуционер. Роден во село Војница на 16 декември 1912 а починал на 2 септември 1941 во Софија. Бил член на Македонскиот книжевен кружок во Софија. Првата стихозбирка „М’скавици“ е објавена во 1939 година. Во септември 1941 година, дванаесет дена по излегувањето од печат на збирката песни „Пеш по светот“, Неделковски бил откриен од полицијата како разнесувач на летоци. На 2 септември 1941 година, полицијата ја блокирала зградата во која живеел. Сиот материјал што можел да ги компромитира неговите другари, Неделковски го уништил, давајќи им оружен отпор на гонителите. А кога веќе немало надеж за спас, тој се фрлил од прозорецот на својата мансарда на тротоарот на улицата и така загинал.