Светлана Мазгалоска Вучетиќ во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, ја промовираше својата прва книга поезија ,,Љуби, верувај и надевај се”.
„Да се пишува малку, а да се каже многу е одлика на поетите. Правилно одбрани зборови, групирани во стихови, а потоа и строфи ја искажуваат душата на поетот. Преку стиховите поетите ја разголуваат својата внатрешност. Токму таква е поезијата на поетесата Светлана Мазгалоска Вучетиќ“, кажа во своето излагање Директорката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, Снежана Бошевска.
„Песните од стихозбирката „Љуби, верувај и надевај се“ го отсликуваат малиот човек фрлен во вителот на животот. И колку само убаво проузвучуваат стиховите во кои се чуствува една воодушевеност од животот. Поезија родена од крик на душата и стихови создадени од оддишки кои на една страна ја ставаат реалноста со сета своја суровост, а на друга страна убавината на животот, кажа во својата рецензија Лили Арсова.
„Оваа книга е издадена по повод мојот 55 роденден и е посветена на мојата мајка, која ми беше патоказ во мојот живот. Стихозбирката е полна со љубов, и емоции. Пишувајте го тоа што го чуствувате, секогаш бидете отворени за да ги искажете своите емоции, бидејќи мене секогаш ме водат емоциите“, рече авторот Светлана Мазгалоска Вучетиќ.
Водител на настанот беше Јасмина Ѓорѓиева, свој музички перформанс настап имаше Марко Стојанов, извадоци од книгата читаа Паола Димитрова, Анастасија Ѓошева, Мила Мартинова и Магдалена Бобевска. Љубовни афоризми читаа афористичарите Атанас Крлевски и Ацо Ѓорѓиевски.