Во топлата атмосфера на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, се одржа промоцијата на најновата поетска збирка „Скршена тишина“ од истакнатата македонска поетеса Елизабета Бандиловска. Ова е нејзино четврто поетско остварување, со кое уште еднаш ја потврди својата позиција на македонската книжевна сцена.
 
 
Пред љубителите на пишаниот збор, книгата беше претставена од страна на промоторите д-р Мито Спасевски и м-р Ели Маказлиева, кои ја истакнаа длабочината и слоевитоста на стиховите – поезија исполнета со метафори, тајни јазични кодови и интимни пораки што повикуваат на интерпретација и емоционален одговор.
 
 
Настанот беше збогатен и со музички настапи – својот глас ни го даруваше пејачката група при Здружение на пензионери Велес, секогаш верни поддржувачи на културата и традицијата, додека на клавир настапи младиот Стефан Ракиџиев, чија музика ги обои моментите кога се читаа стиховите. Водител на вечерта беше Јасмина Ѓорѓиева, која ја внесе публиката во светот на поетесата со топлина и стил.