Во организација на Општина Велес и Локална библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, денес во Медијатеката беше одбележана 86-годишнината од излегувањето од печат на антологиската збирка социјална поезија „Бели мугри“. Во малото место Самобор, кај Загреб, на 25 ноември пред 86 години, во печатницата на Драгутин Шпулер, светлината првпат падна врз страниците на ова капитално дело кое засекогаш ја обележа македонската литература.
 
 
Пред присутните беше прикажан документарниот филм „Бесмртниот“, изработен од Локалната библиотека, по што свое обраќање имаше проф. д-р Виолета Ачкоска, која зборуваше на тема,, Белите мугри низ македонската историја”.
 
 
Настанот продолжи со прекрасен музичко–поетски перформанс на учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, под менторство на Весна Павлова, Цветанка Карамаркова и Атанас Зафировски.Учениците со многу емоции ги пренесоа стиховите на Рацин.
 
 
Преку музички настап ги слушнавме песните „Копачите“ и „Ленка“ во изведба на: Изабела Жабева, Кристина Станишева, Лили Божиновска, Љубе Лазов и Димитар Илиев. Со рецитали се преставија Тамара Димова – „Денови“, Ева Јаковлевска – „Тутуноберачи“ и Ангел Димов – „Печал“. Во улога на наратори се претставија: Вања Крстовска, Стефанија Станковска, Љубе Лазов и Елена Наковска. Водители на овој прекрасен настан беа Стефанија Станковска и Марко Коруновски.