Со богата и инспиративна програма се реализараше проектот „Лето во библиотека“, поддржан од Министерството за култура, чија цел е поттикнување на љубовта кон книгата и читањето кај децата и пошироката јавност.

Првиот ден од активностите беше насловен „Патот на книгата – од идеја до полица“, при што најмладите учесници имаа можност одблиску да се запознаат со целиот процес на создавање една книга. Тие се сретнаа со роднокрајните авторки Десанка Николова и Наташа Брезовска Богоевска, кои им раскажаа како настанува една книга – од првата авторска идеја и процесот на пишување, преку издавачката куќа, па сè до нејзиното место на полиците во библиотеката. Вработената библиотекарка Павлина Најдова им го доближи светот на библиотеката – како се организираат книгите, се редат по полици и се внесуваат во електронскиот каталог.

Вториот ден беше посветен на темата „Правописот во македонскиот јазик – основен елемент за добра книга“. Пред да започнат со пишување на своите авторски дела, децата учеа за значењето на правилниот јазик и улогата на лекторот. Лекторката Стефани Андреевска им го приближи светот на правописот и ги запозна со правилата што стојат зад добро напишан и разбирлив текст.


Активностите продолжија со несекојдневна и креативна средба со илустраторот Евгенија Андреева, која ги воведе децата во светот на илустрацијата и нејзината улога во книгите. Учесниците имаа можност самите да создаваат илустрации и да ги вметнат во книгите што ги пишуваат, комбинирајќи ја фантазијата со визуелниот израз.

Кулминација на летното дружење беше презентацијата на првите авторски книги на најмладите учесници. Тие пишуваа за пролетта, летото, планетата Земја, чудните соништа на Марија, како и за многу други теми произлезени од детската имагинација. Преку нивните приказни беа откриени мисли, чувства, желби и хобија, а секоја книга претставуваше уникатен прозорец во еден нов, детски свет.

Библиотеката овие денови беше исполнета со инспирација, креативност и детска радост, потврдувајќи дека книгата и понатаму има моќ да обединува, едуцира и инспирира.
