На 22 мај во малата сала на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес (медиотека), со почеток во 11часот и 30 минути, се одржа промоција на новата книга од велешката поетеса Марина Стојанова – „Поглед“. Книгата е во сопствено издание на авторката а се состои од повеке циклуси на поетски опсервации. Промотор на книгата беше претседателката на клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ – Велес, Лила Арсова, која преку разговор со поетесата, успеа да дознае, а преку неа и сите присутни, повеќе за лирските пеења во самата книга. За интерпретација на стихови од поетесата Стојанова, задолжен беше младиот актер Кире Ацевски, а со свој настап присутните ги поздрави и малата внука на поетесата Стојанова.
За крај на промоцијата, свое обраќање имаше и авторката која истакна: „Се чувствувам среќно и убаво, оти ова промоција се поклопи со големиот празник летен Св. Никола. Мотивацијата и инспирацијата е насекаде околу нас, во љубовта, тагата, болката. Се чувствувам среќно оти имам свој идентитет, пишувам говорам на мајчин македонски јазик. Тоа е голема привилегија и големо задоволство“.
Промоцијата беше во заедничка организација на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ – Велес.