Во организација на  Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“Скопје, а во рамките на „Велешко лето 2021“ –Општина Велес, на 12.8.2021г. во Ликовниот салон се одржа промоција на монографијата  „Рекламата како текст“ од проф. д-р Снежана Петрова-Џамбазова. Делото е докторска дисертација на Петрова-Џамбазова, излезена од печат во 2019 година и претставува осврт на јазичните особености на телевизиската реклама.

Промоцијата започна со звуците на македонската музичка творба- Шарпланинска од Тодор Скаловски, а во изведба на Илија Настовски и Вероника Караколева.

За авторката зборуваа водителката Наталија Купенкова и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова Грујовска.

Промотор на монографијата  „Рекламата како текст“ беше проф. д-р Димитар Пандев кој потенцираше дека во својот научен труд  авторката ги разгледува рекламните пораки емитувани на телевизиските медиуми како текстови со посебен осврт на истражување на статусот и употребата на современиот македонски јазик преку овој специфичен вид на комуникација со телевизиската публика.

Рекламните пораки, според проф. д-р Снежана Петрова-Џамбазова, се јазични изрази со кои се манифестираат културните придобивки од една страна и се  показател на умешноста во успешното вметнување на фолклорен материјал од друга страна.