Денес во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес беше промовирана третата по ред стихозбирка на авторката Смилана Василкова, насловена „Гласот на тишината“. Настанот беше збогатен со уметнички изведби и емотивни моменти кои го одбележаа претставувањето на ова дело.

Како промотори на книгата настапија Даница Лепојевиќ и професорката Соња Карбева. Лепојевиќ во своето обраќање истакна дека низ страниците на оваа стихозбирка особено се чувствува темата на љубовта – длабока, искрена и посветена љубов која авторката ја чувствувала кон својот сопруг. Но, како што рече, наспроти таа љубов, се провлекува и болката – тагата како неизбежен спроводник на загубата.

Професор Соња Карбева во својот промотивен пристап се осврна кон најважните мотивски јадра во поезијата на Василевска, како и на стилските и јазичните карактеристики на нејзиното поетско писмо. Таа поезијата на Смилана ја окарактеризира како длабоко емотивна приказна за љубовта и за тагата.

Самиот наслов на книгата добива особено значење кога авторката лично откри дека по трагичната загуба на својот син, а потоа и на сопругот, токму тишината ѝ станала прибежиште и извор на сила. „Во тишината го најдов мирот. Таа ми даде сила да ги напишам моите три дела. Во оваа трета стихозбирка, ‘Гласот на тишината’, сум најгласна во искажување на најголемата болка која сум ја имала,“ изјави Василкова.
Настанот беше дополнет со настап на Искра Ивановска од балетско студио „Анабела“, а текстови од стихозбирката читаа Димитар Кузманов и Ивана Милошева, внесувајќи дополнителна емоција во вечерта посветена на поезијата и животната храброст.
