Денес во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес беа промовирани четири аудио книги наменети за лицата со оштетен вид, заеднички проект на библиотеката и Здружението на слепите лица на Општина Велес поддржан од Министерството за култура.
Снимени се четири книги, дел од нив се лектира за деца „Кифличката Мирна“ од Оливера Ќорвезироска, „Сакам книги“ од Александар Кујунџиски и две книги од Наташа Брезовска Богоевска „Детство“ и „Приказна за две деца“.
„Ова е завршниот дел од проектот „Снимање на аудио книги“ со кој се промовираат четири аудио книги. Тие се наменети за слепите лица. Ние со Здружението сме долгогодишни соработници и имаме издадено повеќе аудиокниги и книги со Брајово писмо. Во библиотеката имаме катче со овие книги. Книгите се од македонски автори со цел промовирање на македонското литературно творештво. Се одлучивме сите четири книги да бидат литература за деца со цел децата со проблеми со видот да имаат избор и да може да слушнат што повеќе дела“ – рече Снежана Бошевска директорка на библиотеката во Велес.
„Преку овие книги децата со оштетен вид, полесно можат да дојдат до нив и лектирните изданија, кои им се потребни за образовниот процес. Со овие четири наслови имаме вкупно 23 снимени книги од библиотеката за слепи лица „Ратко Пајдаков“ од Велес. Заинтересирани се јавуваат кај нас во Здружението, ние им ги праќаме по пошта и тие ги враќаат“ – кажа Тодор Крајчев од Здружението на слепи лица Велес.
Водители на настанот беа Марија Бошевска и Кристијан Мартинов , свој музички перформанс настап имаа учениците од музичкото училиште „Стефан Гајдов“ Петар Саздовски и Ана Пренџова, како и Мила и Искра од Балетското студио „Анабела“. Извадоци од книгата читаа ученици од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Велес.
Сите книги кои ги има во велешката библиотека, наменети за лицата со проблеми со видот, се достапни преку Здружението на слепи лица од Велес.