„Презимето кај Македонците“ е најновото дело на д-р Елка Јачева-Улчар, лингвист, македонист и автор на повеќе научни трудови. Таа е наша роднокрајна авторка на која оваа година Општина Велес ѝ додели Деветтоноемвриска награда за животно дело „Гемиџии“ за нејзината работа од областа на науката, за афимација на македонскиот јазик и градот Велес во државата и надвор од неа. Промоцијата на ова дело се одржа во Локалната библиотека „Гоце Делчев“, Велес. За авторка и за книгата говореа Татјана Алексиќ и Игор Радев.

Книгата содржи интересни факти за презимињата од ова поднебје, како се менувале низ годините, за презимињата кои исчезнале, но и за новите презимиња кои се вдомиле во овие краеви. Книгата е научна студија која се базира на податоци од речникот на презимињата кај Македонците но и од вистинити лични приказни. Д-р Елка Јачева-Улчар, вели дека неопходно било да се направат овие истражувања, и да се освежат, постоечките, веќе застарени информации.

Извадоци од книгата читаа учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, Велес, Јана Пљокова, Матеја Андреева, Нина Митевска, Милена Димова, и Теодора Панова под менторство на професор Весна Павлова. За музичкиот дел се погрижија професорите Елена Ѓоргиевска и Игор Андреевски од ОМУ ,,Стефан Гајдов”.