По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, направи интервју со роднокрајниот автор Анде Јанков.
За почеток да ја запознаеме јавноста, кој е Анде Јанков?
– Анде Јанков е слободоумен човек, интелектуалец, дипломиран економист и секако книжевник во душа веќе осма година по ред како сум присутен на македонскиот пазар со својот петти роман, во издание на Издавачката куќа „Антолог“.
Кое е значењето на авторското право за самиот автор?
-Значењето на авторското право е секако големо за секоја една индивидуа која што се впушта во креативен процес на уметничко творештво, затоа што авторското право ни го заштитува нашето творештво и секако за понатаму, целата кариера на творење едноставно како авторско право ни помага да го заштитиме она што се вика интелектуална сопственост, и она што го пласираме како парче уметност пред нашите читатели.
Кажете на колку дела сте вие автор?
– Досега имам објавено пет романи, и тука спаѓаат „Едно лето на Крит“, како посебен роман, односно мое деби остварување, а потоа продолжувам со серијалот за протагонистот Виктор Николов. Тоа е нешто ново македонската литература, бидејќи досега барем со ваква доза на редовност, еве веќе на секој две години, или добри четири години како вадам нови делови од овој серијал. Тука спаѓаат „Виенски гамбит“, „Сигурен ризик“, „Само бог простува“ и еве оваа година излегува „Кобајаши Мару“ петтиот роман, односно четвртиот роман во овој серијал.
Вашето прво дело „Едно лето на Крит“ е добитник на наградата Романијада. Што ве натера да зачекорите во светот на творештвото и дали наградата ве мотивираше?
-Романот „Едно лето на Крит“ произлезе после мојата посета на островот Крит пред добри десет години. Едноставно, убавините на островот си го направија своето и откако се вратив решив да го опишам истиот, но да биде во рамките на една класична приказна за помлади луѓе. По некоја година испадна романот во издание на Издавачката куќа „Култура“ како добитник на наградата „Романијада“, а сега во рамки на Издавачката куќа „Антолог“ со веќе трето издание и секако дека баш добриот прием кај македонските читатели на самиот роман си го направи своето и одлучив да продолжам со пишување на следните делови од оваа замислена приказна од серијалот кој моментално го пишувам.
Кажете ни нешто повеќе за серијалот и зошто пишувате трилери?
-Постојат повеќе причини зошто го одбрав трилер жанрот како првичен жанр во кој ќе творам. Една од тие е што трилер жанрот ја нуди можноста да го измами читателот, секако е привлечен за читање, но и во крими и трилер жанровите се среќаваат одредени вредности кои што сметам дека не се зборува доволно во нашето творештво. Јас секако решив да дам мој допринос во однос на тоа поле, тоа е секако вистината, правдата, моралноста, така што тоа се дел од причините зошто продолжувам да творам во овој жанр.
Кое е ваше последно дело и каква тема обработува?
-Тоа е романот „Кобајаши Мару“, четврто продолжение во серијалот. Со овој роман се одлучив на мал исчекор во однос на моето творештво, па сега за прв пат воведувам постмодернизам во жанровска литература, нешто што исто кај нас во македонски рамки го има но не доволно, и ова е нешто што ќе им се допадне на читателите затоа што покрај она класична приказна која што ја продолжувам за веќе воспоставените ликови од овој серијал, сега вметнав мал дел на подприказна кој што говори за раскажувањето како занает, раскажувањето на приказни и што се една приказна треба да има за остави впечаток во срцата на нејзините читатели.
Анде Јанков, економист, автор, водител на книжевни разговори. Во која улога најмногу се пронаоѓате?
-Од секогаш сум мислел дека колку повеќе идентитети има еден човек, толку е подобро за него, па така, како што ги спомнавте книжевните разговори, тоа беше подкаст кој што зад себе брои четири сезони и шеесетина епизоди, секако дека најмногу сепак се пронаоѓам во книжевните води и затоа продолжувам да творам со оваа редовност како и досега. Сметам дека и тоа што доаѓам надвор од рамките на компаративната книжевност како струка, било плус момент за да едноставно можеби дадам некоја подинамика на самите состојби во македонската литература, па затоа ќе оставиме читателите да си го кажат конечниот збор околу тоа прашање.
Што би им препорачале на младите?
-Да читаат книги, да творат, да бидат храбри во однос на слободоумноста и на тоа што значи да се живее еден живот на правилен начин.