За Нас

Stara biblioteka (2)

Велес, градот распослан од двете страни на реката Вардар, градот на на мостовите, градот на: Рацин, Неделковски, Жинзифов, Џинот, Поп-Јорданов, Хаџи-Панзов, градот на Гемиџиите, градот на уште многу револуционери и културни дејци. Велес во минатото бил лулка на културната преродба. Во далечната 1833 год. во Велес била отворена првата библиотека во Македонија од Анѓелко Палашев- податок кој е забележан во книгата на Исидор Стојановиќ.

Една година подоцна, во Солун, дојранчанецот Теодосиј Синаетски ја отпечатил многу значајната книга ,,Служение јеврејског“. Од 282 претплатника дури 145 биле од Велес и 3 од Башино Село што укажува дека во Велес се читале книги и станала реалност, потребата за формирање на библиотека.

Stara biblioteka nastan

Во 1946 година со Одлука на Народниот одбор на Општина Титов Велес е формирана „Грацката библиотека Гоце Делчев“ како посебен субјект. Иако библиотека во Велес постоела и пред војната и располагала со книжевен фонд од 4- 5000 единици, за време на војната тој фонд е скоро уништен и неупотреблив. Долги години библиотеката работела на плоштад „Срмаале“, во просториите на познатата градска кафеана ,,Атина“, за во 2008 година да биде префрлена во зградата на поранешниот Пионерски дом.

Raca Firfova

Една од директорите била и Рахилка Раца Фирфова која започнала универзалната децимална класификација во Велешката библиотека. Локалната библиотека „Гоце Делчев“ била и сѐ уште е место каде се одржуваат голем број културни настани. Во текот на своето повеќедецениско работење се смениле повеќе колективи и раководни лица и секој оставил белег на своето дејствување. Нејзиниот книжен фонд постојано се зголемува, така што денес брои над сто илјади.

Knigi

На своите полици Библиотеката има ретки изданија меѓу кои и првото издание Македонски правопис од 1945г. Библиотеката има Оддел за возрасни, Оддел за деца и Роднокраен оддел, кои работат според веб-апликацијата COBBIS користена во повеќе балкански држави. Медијатеката е место каде што нашите членови можат да ги користат уникатните изданија на Библиотеката а се надеваме во иднина дека ќе можат да им бидат достапни и архивски снимки. Во неа се сместени неколку катчиња на странска литература: Англиско, Француско и Германско катче. Посебен акцент би ставиле на Брајовото катче кои има стотина наслови од македонски и странски автори, што ја вбројува Библиотеката во малкуте библиотеки кои располагаат со литература од таков вид.

Локалната библиотека „Гоце Делчев“ е културна институција која претставува центар на културното живеење во Велес. Со своите постојани активност во врска со промоцијата на книгата и културата воопшто, библиотеката се наметна како двигател на културата во градот.

Ангажираноста на вработените, вложувањата во нивната наобразба следејќи ги новитетите во библиотекарството резултира со нивна имплементација во секојдневното библиотечно работење. Во својот книжен фонд библиотеката располага со ретки примероци од непроценлива историска вредност. Нашата библиотека долги години се обидува да остане во чекор со времето,
следејќи го трендот на светските библиотеки. Во соработка со издавачките куќи секојдневно ги набавува најновите изданија зголемувајќи го книжниот фонд, а со тоа секојдневно расте бројот на наши членови.

Библиотеката моментно брои околу 3500 членови и располага со книжен фонд од над 110 000 книги..

Зачленувањето во самата библиотека е едноставно и брзо, а годишната чланарина во самата библиотека чини само 150,00 денари.

Библиотеката располага со квалитетни изданија и редовно го следи светскиот читателски тренд, набавуајќи ги за своите читатели најактуелните книги достапни на македонскиот пазар.

Библиотеката „Гоце Делчев“ исто така поседува и дел од преводите на Владата на Република Македонија на стручна и научна литература, како и на преводите од писатели – нобеловци.

Biblioteka od dron