Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, во соработка со Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ – Велес, се одржа промоција на книгата Методот „Роганте“, нов едноставен метод за ефикасна организација на процесот на учење“, од авторот Масимо Роганте, во превод на м-р Илија Настовски.

Ова значајно дело претставува современ методолошки прирачник кој успешно ги поврзува теоријата и практиката, нудејќи јасна и применлива рамка за поефикасно учење. Методот „Роганте“ е структуриран во логично поврзани фази, од ориентација во материјалот, преку длабинско разбирање и селекција на содржините, до нивно трајно меморирање и практична примена.

Промоторката на делото, Лили Арсова, истакна дека Методот „Роганте“ нуди јасен одговор на едно од клучните прашања на современото образование, како да се учи поефикасно, подлабоко и подолготрајно, а со преводот на македонски јазик станува достапен за пошироката читателска и стручна јавност.

Настанот беше збогатен со музички изведби на Огнен Ристов, Весна Синадиновска, Анастасија Цветковска и Петар Огњанов, кои на промоцијата ѝ дадоа посебна уметничка атмосфера. Водител на настанот беше Јасмина Ѓорѓиева.
