Со полагање на свежо цвеќе на спомен обележјето, во Локалната библиотека беше одбележан 4 мај – денот на загинувањето на најголемиот македонски револуционер и основоположник на Македонската револуционерна организација и патронот на библиотеката, Гоце Делчев.
Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип.
По убиството на 04 мај 1903 година, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.