Вечерва во Локална библиотека „Гоце Делчев“ – Велес беше промовиран романот „Клучниот код на молкот“ од авторката Емилија Златкова Анастасова, во издание на Издавачка куќа „Збор“. Промоторката Десанка Николова истакна дека делото припаѓа на современата македонска крими/трилер литература и низ динамична приказна ги отвора темите за исчезнати деца, семејни драми, манипулации и скриени структури на моќ. Според неа, најсилното емоционално јадро на романот е односот мајка–ќерка, кој му дава посебна длабочина и тежина на целото дело.

Авторката Емилија Златкова Анастасова откри дека инспирацијата за романот произлегла од еден вознемирувачки сон, кој оставил силен емотивен впечаток. Таа нагласи дека токму тие чувства се обидела да ги пренесе што пореално во приказната, поради што многу читатели ја доживуваат како исклучително вистинита и емотивно силна.

Рецензентката проф. Соња Карбева посочи дека главната порака на романот е да не се изгубат љубовта, човекољубието и човечноста во време на брз технолошки развој. Таа додаде дека делото отвора и сериозни прашања поврзани со злоупотреба на биотехнологијата, генетиката и микрочиповите во контрола на човечката свест и однесување.

Промоцијата беше збогатена и со музички и сценски настапи на Даријан Јордановски под менторство на Филип Величков од ОМУ „Стефан Гајдов“, како и Славица Андова и Гордана Лазова под менторство на Вероника Караколева од Центар за перформативни уметности SuperStars – Veles. Публиката уживаше во настапите на младите таленти, кои ја збогатија вечерта со енергија и уметнички дух.