Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес денеска беше промовирана сликовницата „Месечко и Сончко“ од авторката д-р Лидија Тантуровска, настан кој собра најмлади читатели, љубители на литературата и создаде простор за дружење, разговор и откривање на убавината на детската приказна.
На промоцијата присуствуваа ученици од трето одделение од ООУ „Блаже Конески“ – Велес, заедно со наставничките Донка Павлова и Ивана Петровска Илиева, како и ученици од ООУ „Васил Главинов“ – Велес со наставничките Емилија Несторова и Розета М. Андов.

Преку интересна интеракција со авторката и промоторката, поетесата Десанка Николова, учениците ги откриваа тајните на односот меѓу денот и ноќта, Сонцето и Месечината. Тие читаа делови од приказната, поставуваа прашања и активно учествуваа во разговорот за пораките што ги носи сликовницата.
Промоцијата беше збогатена и со ритмичко-музички точки во изведба на учениците од ООУ „Васил Главинов“, кои придонесоа настанот да помине во весела и креативна атмосфера.

„Месечко и Сончко“ е топла и поучна приказна која ја претставува природната рамнотежа меѓу сонот и будноста, мирот и играта. Преку ликовите на Сонцето и Месечината, најмладите читатели учат дека и двата дела од денот имаат свое значење и придонесуваат за нивниот раст, развој и спокојство.
Текстот на сликовницата е дело на д-р Лидија Тантуровска, а прекрасните илустрации ги изработи Иванка НиБа. Издавач на книгата е Издавачката куќа „Светулка“.

Д-р Лидија Тантуровска живее и работи во Скопје, каде е вработена во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Таа е докажан истражувач во областа на македонскиот јазик, а последните години успешно се потврдува и како авторка на литература за деца.
