Во организација на Извиднички одред „Димитар Влахов“ беше промовиран прирачникот „Ориентација во природа“ од м-р Ангелче Гушев, значајно дело од областа на извидничката литература на македонски јазик. Настанот се реализираше по повод 22 Февруари – Светскиот ден на извидниците и роденденот на основачот на скаутското движење, Роберт Баден-Пауел.

Рецензија за прирачникот даде Бојан Миклош, кој ја потенцираше практичната вредност на изданието, стручниот пристап во обработката на материјалот и потребата од систематска обука на младите извидници во ориентација и топографија.

Авторот Гушев се осврна на процесот на создавање на прирачникот, нагласувајќи дека неговата основна цел е едукација и пренесување на знаењата за ориентација во природа како една од темелните извиднички вештини. Според него, изданието е наменето како за почетници кои допрва се запознаваат со тематиката, така и за поискусни извидници кои сакаат дополнително да ги усовршат своите знаења.

На промоцијата беше истакнато и значењето на извидничкото движење во Велес, кое повеќе од седум децении активно работи со млади генерации, поттикнувајќи едукација, дисциплина, тимска работа и љубов кон природата.

Настанот уште еднаш ја потврди улогата на Извиднички одред „Димитар Влахов“ како чувар на извидничката традиција и важен фактор во младинската едукација во градот.