Во пријатна и инспиративна атмосфера беше промовиран дебитантскиот роман „Осуден“ на младата велешка авторка Драгана Андреевска, во издание на Издавачка куќа „Збор“. За делото говореа Емилија Златкова – Анастасова и актерот Филип Христовски, кој романот го опиша како моќна психолошка приказна што длабоко навлегува во темите на вината, верата и човечката несовршеност.

Преку судбината на Дамјан – млад човек со навидум среден и стабилен живот, но заробен во сопствените стравови, покајание и внатрешни судири – романот „Осуден“ отвора силни и универзални прашања за смислата на животот, моралот и човечката природа. Делото ја поставува дилемата дали вистинската смисла се крие во совршенството или, пак, во љубовта и прифаќањето.

Авторката Андреевска им се заблагодари на присутните за поддршката и искрените впечатоци, истакнувајќи дека ова дело претставува нејзин личен и емотивен творечки исчекор.

Промоцијата беше дополнително збогатена со музички настапи на Роберт Андовски и Ѓорѓи Трајков, кои придонесоа за топлата атмосфера и посебниот дух на вечерта.