Во пријатна атмосфера беше промовирана поетската збирка „Отуѓеност“ од штипскиот автор Методи Бојаџиски, негово второ книжевно дело, преку кое авторот ја отвора темата за современиот човек, осаменоста и оддалеченоста меѓу луѓето.

Бојаџиски е роден, израснат и школуван во градот под Исарот, а по студиите животот го однел во Америка, каде што денес живее и работи. И покрај далечината, тој продолжува да пишува за родниот град, детството, спомените и различните животни состојби што го обликуваат човекот.

Публиката имаше можност одблизу да навлезе во суштината на книгата преку разговорот со авторот, кој одговараше на прашањата поставени од присутните, но и од неговиот промотор, актерот, драматург и писател м-р Трајче Кацаров.

„Отуѓеност“ е книга со современа поезија, создадена за денешното време и предизвиците што ги носи модерното живеење. Во стиховите авторот говори за отуѓувањето како сè почеста појава, но истовремено ја доловува и носталгијата, потребата од припадност и постојаното навраќање кон корените.

Со својата искрена и емотивна поетска мисла, Методи Бојаџиски уште еднаш потврди дека и далеку од татковината, инспирацијата и љубовта кон родниот крај остануваат силно присутни во неговото творештво.