Вечерва во Локална библиотека „Гоце Делчев“ – Велес беше промовирана сликовницата „Приказна за ветрето“ од Лили Арсова, претседател на Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“. Делото, кое претставува нејзино десетто книжевно остварување, пред присутните беше доживеано како топла, поетична и инспиративна приказна посветена на детската имагинација, слободата и процесот на растење.

За сликовницата говореа промоторите м-р Ели Маказлиева и проф. д-р Елизабета Бандиловска, кои истакнаа дека станува збор за внимателно обликувано литературно дело со силна едукативна и уметничка вредност. Според Маказлиева, „Приказна за ветрето“ со својата едноставност и поетичност отвора широк простор за детската фантазија, а ветрето во приказната е претставено како жив, динамичен и симболичен лик – пријател на децата и симбол на слобода, движење и промена.

Настанот беше дополнително збогатен со музички настап на Мила Јорданова, под менторство на Филип Величковски од ООУ „Стефан Гајдов“, како и со изведбата на младата балерина Илина Цветковска од Балетско студио „Анабела“.

 Водител на вечерта беше Јасмина Ѓорѓиевска, која со своето водење придонесе за топла и убава атмосфера исполнета со уметност, збор и инспирација.