Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес вечерва беше промовиран романот „Жетва“, шесто по ред книжевно дело на авторот Емилио Јанковски.

За тематиката и пораките што ги носи делото пред присутните говореше рецензентот Виктор Хаџи-Арсов. Како што истакна авторот, „Жетва“ е концептуално поделен на два дела. Првиот дел го следи патешествието на еден писател во обидот да стигне до својата публика, опфаќајќи го тешкиот процес на пронаоѓање издавачки куќи и промоцијата на самата книга.

Вториот дел од романот, пак, повлекува паралела помеѓу урбаниот начин на живот и животот во природна средина. Низ страниците се отвора прашањето за современото секојдневие, комфорот што го нуди денешницата наспроти човековиот стремеж кон едноставност и суштинска поврзаност со природата.

Културниот настан во велешката библиотека беше збогатен со читање извадоци од романот, а публиката имаше можност да ужива и во музички точки во кои Јанковски го покажа и својот музички талент.