На Светскиот ден на книгата и авторското право, Библиотеката организираше инспиративна средба со ученици и членови, на која гости беа Огнен Неделковски и Соња Алексоска-Неделковска.

Во пријатна и отворена атмосфера се зборуваше за значењето на авторското право, патот до успехот во културата и новинарството, како и за предизвиците и убавините на творештвото. Преку жив разговор со присутните беа начнати бројни теми кои предизвикаа интерес и дискусија кај учениците.

Посебен акцент беше ставен на сестраното творештво на Огнен Неделковски и неговите дела, меѓу кои романот за тинејџери „Ловци на лажни вести од зграда број 39“, како и збирката драми „Старо Скопје – Ново Скопје“, во која се поместени три драми, меѓу нив и „Вила зора“, посветена на Велес. Беше спомната и монографијата за Спомен-куќата на Тоше Проески, која предизвика посебни емоции кај присутните.

Во разговорот се вратија и спомени за животот и делото на Тоше, а беше навестен и филмски проект посветен на неговата приказна. Настанот заврши во емотивна атмосфера, со заедничко пеење на една од неговите безвременски песни, што дополнително ја заокружи оваа средба посветена на книгата, вистината и културната меморија.
