Во пријатна и топла атмосфера во Локалната библиотека Гоце Делчев се одржа промоцијата на стихозбирката „Чекор во сонот“ од авторката Рада Котеска Трпчевска, во издание на Издавачката куќа Збор. Настанот го отвори директорката на библиотеката Снежана Бошевска, која ги поздрави присутните и нагласи дека ваквите културни настани се значаен придонес за збогатување на културниот живот во локалната заедница и поттик за читателската публика.

За делото и соработката со авторката зборуваше издавачот Емилија Златкова-Анастасова, која ја истакна вредноста на стихозбирката и нејзиниот придонес во современата македонска поезија. Промотор на книгата беше проф. Соња Карбева, која оцени дека поезијата на Котеска Трпчевска е искрена, интимна и длабоко интроспективна. Таа посочи дека стиховите се сведоштво за лични чувства и доживувања, изразени преку концизен, но силен поетски израз кој создава блиска врска со читателот.

Во своето обраќање, авторката се заблагодари на присутните за поддршката и истакна дека „Чекор во сонот“ е збир од нејзините најдлабоки емоции – радост, љубов, тага, копнеж и надеж. Таа нагласи дека секој читател може да пронајде дел од себе во стиховите и да го почувствува сопственото внатрешно патување.

Беше истакнато дека стихозбирката нуди бегство од секојдневието и отвора простор исполнет со мисли, чувства и соништа, каде што поезијата станува средство за самоспознавање и уметничко изразување.