Во присуство на врвни велешки спортисти, спортски ветерани, љубители и поддржувачи на ракометот, беше промовирана монографијата „70 години ракомет во Велес“ од авторот м-р Димитрија Андонов. Настанот собра луѓе кои со децении го граделе и живееле овој спорт, а дел од истражувачкиот тим што ги собирал податоците и фактите се и велешките спортски легенди Ристо Сугарев и Ангел Кирков, чии сведоштва и сеќавања се вградени во страниците на делото.

Промоцијата ја водеше новинарот Владимир Тевчев, кој со својот препознатлив стил ја одржа атмосферата жива и емотивна. Пред присутните се обратија и повеќе спортски легенди од градот, споделувајќи анегдоти, моменти и приказни што ја обележале долгата историја на велешкиот ракомет.
Посебен впечаток остави гестот на авторот и неговиот тим – книгата беше бесплатно подарена на сите присутни, што уште еднаш ја истакна нивната посветеност и хуман пристап. Целиот проект, од првата идеја до печатењето, е резултат на љубов кон спортот и желба да се остави траен белег за идните генерации.

Беше упатена и благодарност до вработените во библиотеката, особено до Димче Саздов, за овозможениот пристап до архивските материјали кои му дадоа автентичност и дополнителна тежина на истражувањето. „70 години ракомет во Велес“ не е само монографија – тоа е живо сведоштво, спортска хроника и порака до младите генерации да паметат, да истражуваат и да ја продолжат ракометната приказна на градот.
